Истражувачите од медиумскиот колектив Фумбуа ги обвинија големите технолошки фирми за зголемување на содржината што промовира недокажани лекови за плодност и билки за спречување на рак на нивните мрежи во Кенија.
Тие пронајдоа страници на Фејсбук на кои се продаваат јони бисери, топчиња завиткани во мрежа кои жените би требало да ги користат за да ги „исчистат“ своите утроби и да се заштитат од рак на грлото на матката. Парењето, кое вклучува седење над тенџере со врела вода, е промовирано како третман за ендометриоза.
„Сопствените алгоритми на Фејсбук често ја засилуваат оваа содржина и дозволуваат рекламите за лекови за детоксикација да ги таргетираат корисниците во Кенија“, се вели во извештајот, истакнувајќи дека нема научни докази за поддршка на некоја од наводните здравствени придобивки, според „Гардијан“.
Во извештајот се наведува дека Гугл и Јутјуб се исто така дел од овој штетен систем, кои профитираат од реклами за вагинални производи за детоксикација и покрај очигледните здравствени ризици.
„Она што е најалармантно е колку се достапни овие реклами. Луѓето не само што можат да продаваат работи што се штетни, туку можат да го прават тоа јавно, па дури и да платат за овие реклами да станат вирални. И тоа не е казнувано на ниту еден начин“, рече Ванџиру Нгухи, водечки истражувач.
Кристина Вилфор, ко-основач на ShePersisted, иницијатива за справување со родовата дезинформација, која ја поддржа истрагата, додаде дека производите за измама се испорачуваат на кенискиот пазар додека „големата технологија спие на воланот“.
Истражувањето на Фумбуа доаѓа во време на поголемо испитување на платформите на социјалните медиуми во Кенија. Мета се соочува со три тужби поради несоодветноста на нејзиниот систем за модерирање на содржината. Случаите доведоа до поактивна позиција на државните органи, поголема контрола и следење на социјалните медиуми. Извештајот на Кенискиот совет за одговорни социјални медиуми покажа дека речиси половина од испитаниците рекле дека виделе дезинформации на социјалните медиуми, додека половина веруваат дека можат со сигурност да ги идентификуваат.