Движењето на цените на недвижностите во светот: Сè потешко до сопствен квадрат

100

Иако делува дека „нема понатаму“, се чини дека секогаш има повеќе: цените на недвижностите ќе ја продолжат својата нагорна траекторија.

Цените на недвижностите се очекува да скокнат, во просек, за 9% годишно во текот на следната деценија. Тие информации беа презентирани од економски експерти од водечки германски и швајцарски истражувачки институции, а извештајот беше објавен минатата недела.

Како што рече Тимо Вошнер, од институтот Ifo, „порастот на цените на недвижностите е повеќе поттикнат од побарувачката отколку од факторите на понудата“, што го потврдува и веста дека на Германија ѝ недостигаат дури 700.000 достапни станови.

Меѓутоа, ситуацијата во целиот свет нема да биде подеднакво алармантна, т.е. зголемувањето на цените ќе варира.

Очекуваните стапки на раст во Западна Европа се 6,4 проценти и во Северна Америка 7,7 проценти, што ги става овие делови од светот под просекот. Цените се и ќе бидат значително повисоки во Јужна и Источна Европа – каде што изнесуваат 18,4 и 14,9 проценти, соодветно.

Цените во Јужна Азија се очекува да пораснат за 25,1 отсто, во Западна Азија за 22,4 отсто, а во Централна Америка за 24,4 отсто. Исто така, експертите предвидуваат пораст на цените на недвижностите од 8,4 отсто во Велика Британија, 7,2 отсто во Германија, 6 отсто во САД и 5,5 отсто во Франција.

Причините за тоа се, како што се наведува, повисокиот животен стандард и повисоките приходи, како и желбата за повеќе простор за живеење, како и зголемувањето на бројот на жители, пренесува Телеграф.рс.

Дополнително, зголемената популарност на работата од дома придонесува за зголемување на цените, според истражувањето. Сепак, Вашнер вели дека „факторите од страната на понудата, како што се ограничениот производствен капацитет, повисоките цени за градежни материјали и недостатокот на градежно земјиште“, исто така играат улога во сè.

Треба да се истакне и дека во оваа опсежна анкета учествуваа вкупно 1.405 економски експерти од 133 земји, а истражувањето траеше од 14 јуни до 2 јули.

Сепак, наведените бројки не се усогласени со инфлацијата, па реалните поскапувања веројатно ќе бидат помали, наведува Ifo.