За затворање на платежна сметка која се користи подолго од шест месеци или за одржување на неактивните сметки, банките и штедилниците не смеат да им наплатуваат надоместоци на граѓаните и на фирмите. Тоа значи дека доколку некој сака да затвори платежна сметка или доколку има неактивна сметка во некоја банка или штедилница, не треба да плаќа финансиски средства за овие услуги на банката.
Од Народната банка појаснуваат дека со новиот Закон за платежни услуги и платни системи што почна да се применува од 1 јануари годинава, се зајакнува заштитата на граѓаните и компаниите во однос на надоместоците за платежните услуги кои од нив ги наплатуваат давателите на платежни услуги.
Имено, доколку рамковниот договор со кој се уредува отворањето, одржувањето и затворањето на платежната сметка е во сила во период подолг од шест месеци, давателот на платежни услуги не смее да му наплати на сопственикот за затворањето на сметката. Се забранува и наплатата на надоместоци од страна на давателот на платежни услуги за сметки кои подолг период не се употребуваат од граѓаните, објаснуваат од Народната банка за МИА.
Платежната сметка се смета за неактивна ако не е користена во последните две години, а депозитната сметка е неактивна доколку не е користена 10 години. Банката или штедилницата е должна да се обиде да воспостави контакт со сопственикот на сметката пред промена на статусот на сметката од активна во неактивна. За неактивните сметки не смее да се наплатуваат надоместоци, но како што појаснуваат од НБ, банките и штедилниците мора да продолжат да пресметуваат камата на позитивното салдо согласно договорните услови.
На прашањето како да се заштитат граѓаните и фирмите во вакви случаи, од Народната банка велат дека за секоја поплака или совет, може да се обратат до Дирекцијата за финансиска едукација и заштита на потрошувачите која е задолжена да ги разгледува и соодветно да постапува по поднесени претставки.
Оттаму не откриваат дали досега има пристигнато поплаки од граѓани за наплата на ваквиот тип на услуги од страна на банките или штедилниците.
За кршење на законските одредби, како што наведуваат од Народната банка, предвидени се парични казни за сторителите.
Фото: Freepik