
Бројот на невработени во Германија годинава ќе се зголеми во просек за 190.000 во однос на претходната година, прогнозира Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ). Причините за порастот се високата инфлација, растот на каматните стапки и слабата странска побарувачка.
Тие фактори го забавија економскиот развој, објави во петокот институтот. Федералната агенција за труд објави 2,7 милиони невработени во август.
„Економскиот пад ја зафати Германија. Забележливо е и на пазарот на труд, но релативно добро се држи во однос на слабата економија“, изјави Енцо Вебер од ИАБ.
Но, предизвиците се големи – на пример, недостигот на работници во Германија, особено квалификувани за одредени работни места, но и прашања како што се поттикнување инвестиции и развој на инфраструктурата.
„Затоа е потребна масовна програма за трансформација“, рече Вебер.
Се предвидува следната година да има уште 60.000 невработени.
„Можностите за вработување за оние кои не работат во моментов се помали отколку за време на пандемијата“, велат истражувачите.
Долгорочната невработеност во Германија е значително повисока отколку пред глобалната зараза.
Сепак, бројот на вработени со полно работно време ќе расте: за 2023 година, ИАБ очекува релативно скромно зголемување од 250.000, на 34,76 милиони. Меѓутоа, доколку прогнозата се оствари, зголемувањето ќе биде половина повеќе од 2022 година, пренесува Seebiz.eu.
Експертите на ИАБ очекуваат БДП да падне за 0,6 отсто оваа година, а следната година да порасне за 1,1 отсто. Но, предуслов за повеќе работа во Германија е намалувањето на инфлацијата.











