
Цените на недвижностите низ Хрватска продолжуваат незапирливо да растат. Просечната цена на квадрат во Хрватска достигнува 2.326 евра, а во Загреб речиси 2.700. Поради скапата нова градба и нереалните цени на користените станови, бројот на трансакции е намален, па прометот со недвижности паѓа. Според податоците на Даночната управа, лани се евидентирани над 72 илјади продажби на станови и куќи, а околу 50 илјади до септември годинава. Само во метрополата се бележи пад на бројот на трансакции за повеќе од 20 отсто, па експертите предупредуваат на неопходна корекција на цените.
„Имаме сè поголема неусогласеност меѓу бараните и реализираните цени, ова е показател дека бараните цени се превисоки, апелираме пред сè до сопствениците на користени станови да ги намалат своите очекувања бидејќи бележиме пад на прометот од 25% од почетокот на оваа година“, вели Лана Михаљинец, сопственичка на агенција за недвижности., пренесува ХРТ.
Речиси секој четврти недвижен имот во Хрватска го купуваат странци, но дури и тие, заостануваат во купувањето, пренесува Тпортал.
„Падот на трансакциите се однесува на цела Хрватска, некаде повеќе, некаде помалку. Во првата половина од годинава главни купувачи не беа Германците, туку Словенците. Ни се чини дека пазарот ќе продолжи да забавува, не очекуваме криза, но ќе има корекции на цените“, изјави Дубравко Раниловиќ, претседател на Здружението за бизнис со недвижнини, ХГК.
Според одобренијата за градба издадени во јули, во Хрватска се градат околу 1150 станови, премалку за сите заинтересирани за кои недвижноста е најпрофитабилна инвестиција.











