Денеска започнува годишниот состанок на Светска банка и ММФ во Маракеш: Сите на иста задача

Годишниот состанок на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) почнува денеска во мароканскиот град Маракеш и ќе трае до 15 октомври.

На овој собир ќе присуствуваат министри за финансии и гувернери на централни банки од повеќе од 190 земји, а целта на собирот, според директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, е „градење мостови за иден одржлив и инклузивен раст“.

На средбите ќе се разговара за глобалните предизвици, што е потребно за да се стави крај на сиромаштијата на планетата, кои се решенијата за земјите во развој, како да се поттикне отворањето нови работни места, дигиталната инфраструктура и активностите во борбата против климатските промени.

Учествуваат гувернери на централни банки, министри, менаџери од приватниот сектор, претставници на граѓанското општество, младински лидери, претставници на академската заедница…

На конференцијата се очекува да се соберат повеќе од 10.000 луѓе.

Според веб-страницата на Светска банка, меѓу најважните настани на овој состанок се прес-конференцијата на Светска банка која ќе се одржи на 11 октомври, како и конференцијата на ММФ еден ден подоцна.

Состанокот на Комитетот за развој на ММФ ќе се одржи на 12 октомври, а пленарната седница на состанокот во петок, на 13 октомври.

Меѓународниот монетарен и финансиски комитет (ММФЦ) ќе одржи состанок во сабота на 14 октомври.

На присутните ќе им се обратат претседателот на Светска банка Аџеј Банга, директорката на ММФ Кристалина Георгиева, директорката на УНИЦЕФ Кетрин Расел, мароканската министерка за енергетска транзиција и одржлив развој Лејла Бенали, како и многу други претставници.

Светската банка и ММФ одлучија заедно со мароканските власти во таа земја, која беше погодена од земјотресот на 8 септември, од 9 до 15 октомври да го одржат претходно планираниот годишен состанок во Маракеш.

– Од разорниот земјотрес во Мароко на 8 септември, Светската банка и ММФ тесно соработуваат со мароканските власти и тим експерти за темелно да го проценат капацитетот на Маракеш да биде домаќин на годишните состаноци во 2023 година, соопшти претходно ММФ.

Соопштението заеднички го потпишаа шефовите на Светската банка и ММФ, Аџeј Банга и Кристалина Георгиева, како и министерката за економија и финансии на Кралството Мароко, Надија Фетах Алауи.

Како што е наведено, било оценето дека планираните средби во рамките на годишниот состанок во Маракеш нема да ги нарушат виталните напори за помош и реконструкција и дека може да се обезбеди безбедност на учесниците.