
Јазот меѓу потребите на германската економија за работна сила и расположливиот број луѓе мора да се затвори со имиграцијата на странци, изјави министерот за економија Роберт Хабек. Во исто време, Германија мора да направи сè што може за подобро да го искористи постоечкиот потенцијал на трудот, изјави Хабек во вторникот, пренесува ДПА.
„Јасно е, меѓутоа, дека Германија зависи и од имиграцијата за да ја покрие потребата за работна сила, да генерира раст и да обезбеди просперитет“, додаде тој, истакнувајќи дека владата ги променила прописите за имиграција за квалификувана работна сила токму поради тоа.
„Итно ни треба повеќе професионална работна сила. Сите веќе го чувствуваме тоа секој ден“, изјави Хабек. Според него, компаниите очајно бараат работници, бидејќи занаетчиските дуќани поради дефицитот мораат да одбијат работни места, а продавниците и рестораните да го скратат работното време.
Хабек се осврна на жестоката јавна дебата за идејата бегалците во Германија да добиваат работни дозволи, нагласувајќи дека тоа важи само за луѓето кои веќе се во земјата.
„Постојат резерви за тоа и, се разбира, апсолутно е јасно дека треба подобро да контролираме кој влегува во земјата, а оние кои немаат право да останат мора брзо да се вратат. Тоа е несомнено“, рече тој.
Инструментите за ова се заедничкиот систем за азил на Европската унија и билатералните договори за миграција. „Ако некој живее тука некое време, мотото треба да биде: излезете од системот на социјална помош, на работа, за да можат бегалците да се издржуваат и да придонесат за заедницата“, рече Хабек. „Конкретно, треба да ја измениме одредбата за работна дозвола… за да можат луѓето кои долго време работат овде да продолжат да го прават тоа, а работодавците да не мора да бараат нови работници“, додаде тој.











