ИЕА: Највисока потрошувачка на гас на крајот на оваа деценија

Поради намалената потрошувачка на пазарите на западните земји, особено во Европа, глобалната побарувачка за гас е намалена во последните две години, но повторно ќе се зголемува во иднина, забележува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Според нејзините предвидувања, потрошувачката на овој извор на енергија ќе го достигне својот врв на крајот на оваа деценија.
Според среднорочната прогноза на ИЕА, сумирана од шпанската новинска агенција ЕФЕ, производствениот капацитет на течен природен гас (ЛНГ) ќе се зголеми за 25 отсто меѓу 2022 и 2026 година, а најголем раст се очекува во САД.

Според агенцијата, зголемувањето на капацитетот ќе ги олесни тесните грла во снабдувањето со гас што се појавија во Европа во последните две години. Имено, кога Русија ја нападна Украина во февруари 2021 година, славината за гас до стариот континент набрзо беше затворена.

Токму поради прекинот на протокот на руски гас дојде до намалена потрошувачка на овој енергенс во Европа и забрзување на транзицијата кон зелени извори на енергија.

Глобалната побарувачка за гас минатата година се намали за значителни 50 милијарди кубни метри, а се проценува дека оваа година е намалена уште повеќе. Се очекува да почне повторно да закрепнува следната година, така што меѓу 2022 и 2026 година се очекува просечен раст од 1,6 отсто годишно. Помеѓу 2017 и 2021 година, просечниот годишен раст на побарувачката беше 2,5 отсто.