
Австралискиот комесар за е-безбедност објави дека ја казнил платформата X (поранешен Твитер) со 386.000 долари затоа што не одговорила адекватно на прашањата за тоа како ја ограничува содржината на сексуална злоупотреба на деца.
– Компанијата Х јавно изјави дека борбата против сексуалната експлоатација на децата е нејзин најголем приоритет, но тоа не може да бидат само празни приказни. Треба да видиме дека зборовите се поткрепени со конкретни акции – вели австралиската комесарка за е-безбедност Џули Инман Грант, а пренесува Си-Ен-Ен.
Регулаторот на земјата тврди дека X не успеал да одговори на голем број важни прашања како што се „времето што и е потребно на платформата да одговори на извештаите за сексуална експлоатација на деца“, „мерките што ги презема X за да открие сексуална експлоатација на деца во видео во живо“, како што се и „алатки и технологии кои се користат за откривање материјал за сексуална експлоатација на деца“.
Во февруари, комесарот Инман Грант побара од пет технолошки фирми – X, TikTok, Google (вклучувајќи YouTube), Discord и Twitch – да откријат какви чекори преземаат против ширењето на материјали за злоупотреба на деца на нивните платформи.
– Нивните одговори открија… вознемирувачки недостатоци и недоследности – рече таа, додавајќи дека неуспесите на компанијата X биле „посериозни“ од оние на другите компании.











