
Главниот извршен директор на Форд повика на прекин на штрајкот на американските авто-работници, велејќи дека неговото продолжување ќе им помогне на Тесла, Тојота и кинеските производители на автомобили и ќе ги уништи заедниците низ САД.
Бил Форд и се обрати на јавноста додека штрајкот предводен од Обединетите автомобилски работници (UAW) влегува во својот втор месец. Освен во Форд, чие најпрофитабилно фабричко производство беше запрено минатата недела, штрајкот продолжи и во Џенерал Моторс и Стелантис.
„Ова е за иднината на американската автомобилска индустрија. Тојота, Хонда, Тесла и другите го сакаат овој штрајк, бидејќи знаат колку подолго трае, толку е подобро за нив. Тие ќе победат и сите ние ќе загубиме“, рече Форд, според Фајненшл тајмс.
Бил Форд, кој е правнук на основачот на компанијата Хенри Форд, предупреди дека земјата што ќе ја изгуби својата автомобилска индустрија може да се соочи со загуба на целата своја индустриска база, што може да претставува закана за националната безбедност. Тој рече дека продолжувањето на штрајкот ќе има големо влијание врз американската економија и ќе ги уништи локалните заедници.
UAW го повика Форд да престане да „игра игри“ и да се фокусира на постигнување договор. „Не се UAW и Ford против странските производители на автомобили“. „Автомобилските работници насекаде се против корпоративната алчност“, велат од синдикатот.











