
Цените на нафтата се зголемија во средата по експлозијата во болница во Газа и откако беше откажан состанокот на американскиот претседател Џо Бајден со арапските лидери во Јордан.
Референтните фјучерси на суровата нафта Брент пораснаа за повеќе од 3,10 отсто во утринското тргување на 92,78 долари за барел, додека цената на американската сурова нафта WTI порасна за повеќе од 3,2 отсто на 89,56 долари за барел, покажуваат податоците на специјализираниот портал за следење на енергетскиот пазар OilPrice.
Самитот на кој американскиот претседател требаше да се сретне со лидерите на Египет и Палестина во Јордан беше откажан на иницијатива на домаќините веднаш по гранатирањето на болницата во Газа во вторникот, при што загинаа најмалку 500 луѓе. Палестинците и Израелците разменуваат меѓусебни обвинувања за оваа трагедија, пренесува Гардијан.
Аналитичарите оценуваат дека откажувањето на самитот ја намалува веројатноста за дипломатско решение на конфликтот меѓу Хамас и Израел. Тие проценуваат дека претстојната долга окупација би ја поттикнала цената на нафтата Брент над 100 долари за барел бидејќи го зголемува ризикот Иран да се вклучи во конфликтот.











