Ниту Маск ниту Цукерберг: Кој е најпаметниот извршен директор на светот

Извршниот директор на DeepMind, Демис Хасабис е рангиран како најпаметниот извршен директор во светот, дури и пред врвните глобални директори како Марк Цукерберг од Мета, Илон Маск од Tesla и SpaceX, па дури и извршниот директор на матичната компанија на Alphabet, Сундар Пичаи.

Според извештајот на Preply, „Хасабис, познат по својата двојна експертиза како истражувач на вештачка интелигенција (ВИ) и невролог, ги збогатил своите јавни дискурси со уникатен спој на знаење“.

Хасабис е на прво место со 87,33 оценки, следен од извршниот директор на Blackstone Стивен Шварцман со 74,33 и извршниот директор на Berkshire Hathaway Ворен Бафет со оценка 74.

Значајно е што во извештајот поранешниот извршен директор на Амазон Џеф Безос (5 ​​место, оценка 71) и извршниот директор на Мета платформата Марк Цукерберг (8 место, оценка 69,67) се попаметни од најбогатиот човек на светот, Илон Маск, кој е рангиран на 16 место со оценка 64,33.

Како се пресметува интелигенцијата на извршните директори?
Фирмата за онлајн туторство направи детална анализа на јавните настапи на различни извршни директори и ги бодираше на скала од 100 поени.

Интелигенцијата на извршните директори е рангирана врз основа на пет клучни карактеристики – широчина на вокабуларот, читливост на текстот, критичко размислување, мерење на сложеноста на структурите на реченицата и способноста на говорникот да го поврзе својот дијалог со пошироки контексти.

Во извештајот се наведува дека интелигенцијата проценета во нивната студија не е единствената детерминанта за успех во водење на компанија.

„Секој лидер на оваа листа, без оглед на нивниот резултат, покажа извонредни лидерски квалитети и даде значителен придонес во своите сектори“, се додава во извештајот.

Фото: Facebook