Грција доби инвестициски степен од кредитната агенција Стандард и Пурс

Американската агенција за кредитен рејтинг Стандард и Пурс ја надгради грчката економија, доделувајќи и инвестициски степен, нешто што го очекуваше и го поздрави грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку социјалните мрежи истакна дека надградбата претставува „уште еден официјален печат на закрепнувањето на грчката економија“ и дека Грција дефинитивно ја остави зад себе долгогодишната криза.

– Враќањето на инвестицискиот степен на нашата економија не беше нешто што се подразбираше, ниту беше лесно. Но, сепак, веќе е реалност, како што лично се обврзав. Опиплив доказ дека со план и работа земјата оди напред, напиша Мицотакис.

Министерот за национална економија и финансии на Грција Костис Хаѕидакис рече дека Стандард и Пурс е четвртата агенција за рејтинг по ред и втора признаена од ЕЦБ што во последните месеци, по 13 години, ѝ додели инвестициски степен на Грција.