ИЕА: Членките имаат доволно залихи за можна интервенција на пазарот на нафта

Нафтените резерви на членките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во моментов се доволни за евентуални мерки за стабилизација на пазарот, рече претставник на ИЕА, додавајќи дека во моментов нема потреба да се пропишуваат поголеми резерви.

ИЕА во првата половина на октомври објави дека е подготвена да се вклучи, доколку се појави потреба, за да обезбеди снабдување, нагласувајќи дека конфликтот на Блискиот Исток носи голема неизвесност и може да ги загрози резервите на нафта. Минатата година 31 земја-членка на ИЕА пласираа на пазарот вкупно 182,7 милиони барели нафта од стратешките резерви со цел да се обезбеди снабдување и да се запре растот на цените предизвикан од руската инвазија на Украина и западните санкции против Москва.

Шефот за безбедност во ИЕА: Ќе ја следиме ситуацијата
На почетокот на октомври пазарот го потресе нападот врз Израел од страна на исламистичката палестинска група Хамас, што предизвика бран израелски напади врз блокираната палестинска енклава Газа. Иран повика на ембарго на нафта кон Израел доколку нападите ескалираат.

Во меѓувреме, трговците внесоа геополитички ризик во цените на нафтата, но беа смирени од дипломатските напори да се спречи ширењето на конфликтот во другите земји во регионот на Блискиот Исток.