Форбс: Меџик Џонсон стана милијардер

Поранешната кошаркарска суперѕвезда Меџик Џонсон (64) стана милијардер, според американскиот магазин Форбс, и со тоа стана само четвртиот спортист кој влезе во ова избрано друштво.

Бизнис магазинот ја проценува вредноста на Џонсон на 1,2 милијарди долари, објави Би-Би-Си.

Други спортисти кои влегоа во клубот на милијардери се НБА асовите Мајкл Џордан и Леброн Џејмс, како и голферот Тајгер Вудс. Џонсон, инаку, има удел во бројни компании и спортски тимови.

Форбс наведува дека уделот во компанија за осигурување на живот го сочинува најголемиот дел од неговото богатство. Меџик ја имаше една од најпрестижните кариери во историјата на НБА пред да се повлече од кошарката, но најмногу пари заработи надвор од спортот.

Форбс проценува дека Џонсон заработил околу 40 милиони за време на неговиот престој во НБА, а Американецот поседува и три тима од Лос Анџелес, вклучувајќи го и бејзбол тимот ЛА Доџерс.

Надвор од спортот, тој инвестираше во Starbucks, Burger King, 24 Aur Fitness и компанија за животно осигурување Equi Trust.

Џонсон вели дека можел да стане милијардер порано – ако не ги одбиел акциите на Најк кога влегувал во НБА во 1970-тите. Наместо тоа, тој склучил договор со брендот Converse, кој му плаќал 100.000 долари годишно.

Фото: facebook