
Аргентина може да им забрани на локалните производители да извезуваат нафта од земјата, доколку не обезбедат соодветно снабдување на домашниот пазар – изјави министерот за економија и претседателски кандидат на земјата, Серхио Маса.
– Доколку до вторник на полноќ не се реши снабдувањето со гориво, компаниите – почнувајќи од среда – нема да можат да испраќаат бродови со нафта за извоз. Аргентинската нафта им припаѓа, пред сè, на Аргентинците – вели тој, цитиран од Блумберг.
Ројтерс ги цитира претставниците на аргентинската влада дека недостигот на гориво наскоро ќе стане минато и дека наскоро во земјата ќе пристигнат 10 бродови со увезено гориво.
Дистрибуцијата на овој енергенс ќе трае неколку дена, изјави министерката за енергетика на Аргентина, Флавија Рожон, а според локалните медиуми, Владата на Аргентина не успеала порано да обезбеди доволно увозно гориво поради недостиг на долари.
Тоа предизвика недостиг во земјава и долги редици на бензинските пумпи. Инаку, годишната стапка на инфлација во Аргентина во септември изнесуваше речиси 140 отсто.











