Бесими: Со Буџетот за 2024 година не се предвидуваат нови даноци

Во буџетските проекции за 2024 година не се предвидуваат нови, дополнителни даноци, ниту зголемувања на давачките, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими. Како што информира на средба со новинарите, предлог-буџетот се финализира и треба да биде доставен во Собранието до средината на ноември.

Според министерот, догодина се очекува да продолжи трендот на раст и на фискална консолидација, дефицитот да оди надолу, а главните економски премиси, и покрај одржувањето на изборите, да продолжат да се гледаат како постулати за одржлив раст и одржливи финансии.

Инфлацијата за октомври, нагласи Бесими, се очекува да биде уште пониска од септемвриската. Бројките, рече, може да се очекуваат наредната недела.

Нови антикризни мерки ќе има до крајот на оваа година и за нив на располагање се вкупно 4,6 милијарди денари. Но, од оваа сума, 980 милиони денари ќе и бидат дадени на „Македонски железници“ за да го подмири долгот кон ЕСМ. Бесими најави и антикризни мерки за почетокот на 2024-та. Мерките ќе бидат фокусирани на ранливите категории и на поддршка за стопанството, а оние за оваа година треба да ги соопшти Владата кон средината на овој месец.

Во врска со Законот за солидарен данок, тој повтори дека средствата што треба да бидат собрани во предвидениот рок, ќе одат исклучиво за антикризниот пакет. Бесими е дециден дека доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата на Стопанската комора за оспорување на Законот, Министерството за финансии тоа ќе го почитува.

-Министерството не толкува судски одлуки, но секоја одлука на Уставниот суд мора и ќе се почитува, подвлече Бесими.

Министерот за финансии не очекува никакви фискални последици врз Буџетот од бугарската такса за рускиот гас.

-Директни последици врз Буџетот нема да има, но може да се одрази ако се вкалкулира во цената на тие што го користат, објасни Бесими.

Осврнувајќи се на годишните резултати, Бесими рече дека реализацијата на капиталните инвестиции е за 110 проценти поголема од лани. Пораснале и платите за 14 отсто во однос на овој период минатата година поради што, рече, се очекува да се зголемат продуктивноста и конкурентноста.