Според извештајот за 2022 година на водечката мрежа за градски туризам во Европа, City Destinations Alliance (CityDNA), Виена е најдобро поврзан град во Европа со железница.
Извештајот претставува, како што соопштија виенските власти, клучен извор на информации за статистиката за туризмот во градовите, бидејќи дава увид во трендовите на патувањето и туризмот во градовите ширум светот, ги анализира промените во побарувачката, популарните дестинации и новите навики за патување во урбаните области.
Резултатите покажуваат дека европскиот градски туризам се подобрува и покрај огромните последици од пандемијата на коронавирус во последните години. Стапката на раст на ноќевањата значително се зголеми во 111 од 115 градови од 26,4 на 43,1 отсто. Најпопуларни градови за 2022 година се Лондон, Париз и Истанбул.
Извештајот ја нагласува важноста на одржливоста и го третира влијанието на туризмот врз емисиите на јаглерод диоксид (CO2). Покрај тоа, преференциите на патниците беа детално истражени, при што летните месеци беа најфреквентно време за патување.
Германските и швајцарските градови имаат најголем број меѓународни возови. Со просечен број од 126,9 меѓународни возови дневно минатата година, Виена го зазема петтото место во рангирањето на европските градови. Меѓутоа, ако се погледне бројот на поврзани земји и станици, Виена е најдобро поврзан град во Европа со железница, велат виенските власти.