Производителите на автомобили Renault и Nissan покренаа нов сојуз

Производителите на автомобили, францускиот Renault и јапонскиот Nissan, по одобрување на властите денеска официјално започнаа нов сојуз, кој треба да ја подигне соработката во рамките на Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi на повисоко ниво, пренесува Танјуг.

„Новиот сојузен договор меѓу групацијата Renault и Nissan стапува на сила денеска и ги заменува претходните договори со кои се уредуваше управувањето со Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi“, се вели во заедничката изјава на Алијансата објавена денеска, пренесува Figaro.

Алијансата Renault-Nissan е основана во 1999 година и го промени своето име во 2017 година кога Nissan го презеде контролниот пакет акции во Mitsubishi, се посочува на веб-страницата на Алијансата.

Новиот сојуз меѓу Renault и Nissan беше објавен во соопштение објавено во февруари на веб-страницата на Алијансата.

„Оваа далекусежна програма го отвора патот за обновување и зајакнување на партнерството кое трае 24 години, создава нова енергија и користи иновативни технологии на сите три членки на Алијансата“, се вели во февруарското соопштение.