
Европската комисија процени дека Франција и три други земји (Белгија, Хрватска, Финска) „ризикуваат да не бидат во согласност со буџетските препораки на ЕУ“ за следната година, поради прекумерната јавна потрошувачка.
Комесарот за економија на оваа институција, Паоло Џентилони, рече дека четирите земји биле поканети да ги „преземат неопходните мерки“ за да се усогласат со европските ограничувања.
Европската комисија на секои шест месеци ги пренесува буџетските траектории за 20-те земји членки на еврозоната, а сега го објави своето мислење за предлог-буџетот за 2024 година, пишува еКапија.
Француското Министерство за финансии, од своја страна, објави дека буџетот е усогласен со намалувањето на јавниот дефицит, кој се очекува на 4,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП).
Тој дефицит мора да се намали на три проценти од 2027 година, што е граница поставена со Пактот за стабилност, буџетскиот договор на земјите од еврозоната.
Во еврозоната, ниту еден нацрт-буџет за 2024 година не претставува „сериозен ризик“ од непочитување на Пактот, подвлече и ЕК.











