
Цените на какаото ги уриваат сите рекорди, барем според податоците од тргувањето. Растението одамна не е вреднувано на толку високо ниво, а се вели дека цените на какаото скокнале на највисоко ниво во речиси половина век, во услови на глобален пад на понудата.
Фјучерсите во Њујорк за клучната состојка за производство на чоколадо се искачија над 4.200 долари за метрички тон, што е највисока цена за оваа стока од септември 1977 година.
Сегашната цена на какаото го надмина врвот од 2011 година, што беше резултат на забраната за извоз на какао таа година од страна на Брегот на Слоновата Коска. Цените се зголемени за приближно 75 отсто досега во 2023 година, при што експертите го припишуваат скокот на лошите култури во две африкански земји: Брегот на Слоновата Коска и Гана.
Имено, тие земји го снабдуваат светот со дури две третини од зрната какао. Сепак, поради екстремните временски услови и болестите на земјоделските култури, како и поради помалата употреба на ѓубрива од страна на земјоделците, има послаба понуда. Почетокот на жетвата во двата региона веќе заостанува со темпото од минатата сезона, пишуваат медиумите, што предизвикува страв од дополнително затегнување на и онака недоволно снабдениот пазар.











