
Просечната плата во октомври годинава била 803 евра, покажуваат податоците на Монстат. Официјалната статистика покажува и дека најмногу заработуваат вработените во секторот финансии и осигурување, но и во енергетските компании каде просечната плата надминува 1.200 евра.
Статистиката покажува и дека просечната плата со даноци и придонеси во октомври изнесувала 1.002 евра, пренесува РТЦГ.
Податоците на Управата за статистика покажуваат и дека за една година просечната плата е зголемена за околу 80 евра.
„Просечната (нето) плата во октомври во однос на септември бележи пораст од 0,4 отсто, додека просечната (нето) плата во октомври 2023 година во однос на истиот месец од претходната година бележи пораст од 11,5 отсто“, се наведува во соопштението на Монстат.
Како што објаснуваат, ако се земе предвид дека потрошувачките цени во октомври во однос на септември бележат пад од 0,3 отсто, произлегува дека реалната заработка за истиот период бележи раст од 0,7 отсто.
Кога станува збор за секторите каде што просечните плати се највисоки, статистиката вели дека вработените во финансискиот и осигурителниот сектор во просек заработуваат по 1.280 евра. Не заостануваат ниту вработените во енергетските компании каде, според податоците на Монстат, просечната плата е 1.232 евра.
Вработените во секторот за информации и комуникации, како и оние кои работат во секторот рударство и вадење камен, имаат просечна плата од над 1.000 евра, покажуваат податоците на Монстат.
Традиционално, меѓу оние кои најмалку заработуваат се и оние кои се вработени во трговијата, каде просечната плата е 664.











