Лула: „Мораме да го убедиме ОПЕК + да се подготви за крајот на ерата на фосилни горива“

Бразил во четвртокот соопшти дека е на прагот да се приклучи на ОПЕК +, група од 23 земји извознички на нафта, што ќе го направи 24-та членка од јануари 2024 година.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва рече дека потенцијалното учество на Бразил во ОПЕК + (Организацијата на земјите извознички на нафта и сојузниците, вклучително и Русија) ќе има за цел да ги убеди членките да престанат да користат фосилни горива.

„Мислам дека е важно за нас да учествуваме во ОПЕК + бидејќи мораме да ги убедиме земјите производители на нафта дека треба да се подготват за крајот на ерата на фосилните горива“, рече Лула во саботата на самитот COP28 во Дубаи, пренесе Ројтерс.

Тој додаде дека подготовката значи дека парите што ги заработуваат треба да се инвестираат за континентите како Африка и Латинска Америка да можат да ги произведуваат потребните обновливи горива, „особено зелениот водород“.

Бразилскиот министер за енергетика Алесандре Силвеира рече дека Бразил ќе ги води земјите производители на нафта да ја забрзаат енергетската транзиција.

„Под водство на Лула, сакаме да ги искористиме приходите од нафтата за финансирање чиста и обновлива енергија“, рече Силвеира.

Бразил е најголемиот производител во Јужна Америка, со 4,6 милиони барели дневно нафта и гас.