
Инфлацијата во Турција во ноември порасна за 61,98 отсто на годишно ниво, а за 3,28 отсто на месечно ниво, објави денеска Турскиот институт за статистика – Туркстат.
На годишно ниво најмногу пораснале цените на услугите во хотелите, кафулињата и рестораните – за 92,86 отсто, како и во здравството – 82,13 отсто и образованието – 81,49 отсто, објави Туркстат.
Алкохолните пијалаци и тутунот поскапеле на годишно ниво за 71,35 отсто, облеката и обувките за 40,72 отсто, а храната и безалкохолните пијалоци за 67,16 отсто.
Годишната основна стапка на инфлација во Турција во ноември изнесува 69,89 отсто, пренесува Танјуг.
На 23 ноември, Централната банка на Турција ја зголеми референтната каматна стапка на 40 отсто од 35 отсто, велејќи дека постојното ниво на домашна побарувачка, стабилниот раст на цените во услужниот сектор и геополитичките ризици продолжуваат да вршат притисок врз растот на инфлацијата во Турција, објавија медиумите.











