Земјите од ОПЕК плус го намалуваат производството на нафта, цената на барел може да достигне 100 долари

Цената на нафтата следната година би можела да достигне 100 долари за барел доколку земјите-членки на нафтениот картел ОПЕК плус ги исполнат своите ветувања за доброволно намалување на производството на нафта.

По вчерашната средба, ОПЕК плус објави соопштение во кое официјално не го поддржа намалувањето на производството на нафта, но поединечни земји најавија доброволни намалувања од вкупно 2,2 милиони барели дневно за првиот квартал од 2024 година, пренесува CNBC.

Саудиска Арабија се согласи да го продолжи доброволното намалување на производството на нафта од еден милион барели дневно (bpd) до крајот на првиот квартал од 2024 година.

Русија соопшти дека ќе го намали производството на сурова нафта за 300.000 барели дневно и производството на нафтени деривати за 200.000 барели дневно во истиот период. Ирак го намалува производството на нафта за 223.000 барели дневно, Обединетите Арапски Емирати за 163.000 барели дневно, Казахстан за 82.000 барели дневно, Алжир за 51.000 барели дневно и Оман за 42.000 барели дневно.

Голдман Сакс очекува дека врз основа на овие мерки, OPEC ќе може да ги задржи цените на нафтата во опсег помеѓу 80 и 100 долари за барел во 2024 година.