
Американската министерка за финансии Џенет Јелен изјави во вторникот дека Соединетите држави ќе бидат одговорни за поразот на Украина доколку Конгресот го отфрли барањето на администрацијата на Бајден за нова помош од милијарди долари за земјата разорена од војна.
„Заедно со моите колеги разговарав со претставници на Конгресот. Мислам дека тие разбираат дека ова е многу тешка ситуација и дека можеме да бидеме одговорни за поразот на Украина ако не успееме да и ги обезбедиме потребните средства“, рече Јелен.
Пред тоа, шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека доцнењето на американската помош претставува голем ризик за нив, поради што Украина може да ја загуби војната против Русија по речиси две години.
Претседателот Зеленски потоа го откажа планираното обраќање пред претставниците на Конгресот, во кое се водат битки за барањата на републиканците дека финансискиот пакет вреден 100 милијарди долари, покрај помошта за Украина и Израел, треба да вклучи и ревизија на имиграциската политика и зајакнувањето на американските граници.
Американскиот Конгрес одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, но откако републиканците ја презедоа контролата врз мнозинството во Претставничкиот дом на почетокот на годината, не беа доделени дополнителни средства за Украина разурната од војна.
Финансирањето на Украина е клучно прашање и за американските сојузници во Европа, кои и даваат многу повеликодушна помош, за да и помогнат во борбата против руската агресија, истакна министерот за финансии.
„Украина едноставно снемува пари“, истакна Јелен. „Украина троши сè што добива од даноците за одбрана и плати за војниците и командантите. Без парите што ги испраќаме во знак на поддршка, би имало недостиг од училишта, болници и прва помош“, додаде таа.
Американската помош за Украина дојде „со силни контролни механизми за спречување на корупција и злоупотреба на средства“, нагласи Јелен. Што се однесува до директната поддршка на украинскиот државен буџет, таа би одела преку Светска банка, чии антикорупциски заштитни мерки ќе обезбедат парите да завршат на вистинското место, рече американскиот министер.











