
Цените на нафтата пораснаа во азиското тргување денеска. Скокот уследи во понеделникот вечерта по нападот на норвешки танкер во Црвеното Море, што предизвика значителна нервоза на нафтениот пазар, пренесува германската новинска агенција dpa.
Суровата нафта Вест Тексас интермедит за испорака во јануари на азиското тргување достигна вредност од 71,91 долари за барел, што е за 59 центи повеќе од понеделникот. Фјучерсите на суровата нафта „брент“ за февруари се зголемија за 57 центи на 76,60 долари.
Противбродски крстосувачки проектил лансиран од хутските бунтовници во Јемен погоди цивилен танкер, предизвикувајќи штета и пожар, но немало жртви, објави американската војска. Танкерот пловел кон Јадранското Море, односно кон Венеција и превезувал растително масло и биогориво.
Нападот на танкерот „Стринда“ се случи во теснецот Баб ал-Мандаб кој ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив. Еден американски функционер изјави дека бродот по неколку часа бил способен самиот да се движи.
„Немаше американски бродови во близина во моментот на нападот, но американскиот разурнувач ‘Мејсон‘ одговори на повикот на помош од ‘Стринда‘“, кажаа од Централната команда на американската војска.
Танкерот пловел под знамето на Норвешка.
Проширувањето на војната меѓу Израел и Хамас, исто така, ќе резултира со големи ограничувања на транспортот на нафта по морски пат.
Инаку, цените на нафтата во последно време се под голем притисок и веќе извесно време паѓаат. Во заднина се загриженоста за побарувачката за црното злато додека глобалниот економски раст се заладува и сомнежите за најновите одлуки на проширената група на производители на нафта ОПЕК + повторно да го намалат производството. Зголемената понуда на нафта од земјите кои не се членки на ОПЕК, како што се САД, исто така ги намалува цените.
Фото: Pixabay











