ММФ претстави три сценарија за развој на украинската економија

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) објави три сценарија за развој на економијата на Украина, во зависност од тоа колку долго ќе траат конфликтите во таа земја.
Основното сценарио предвидува дека конфликтот во Украина ќе заврши до крајот на 2024 година, се наведува на веб-страницата на ММФ, пренесе Танјуг.

Доколку тоа се оствари, следната година украинската економија ќе расте во опсег меѓу три и четири отсто, а во 2025 година ќе го забрза растот до 6,5 отсто, пренесува Комерсант.

Негативното сценарио се заснова на претпоставката дека конфликтите ќе продолжат до крајот на 2025 година, што би значело дека следната година БДП на Украина ќе падне за пет проценти во 2024 година и ќе стагнира во 2025 година.

Позитивното сценарио за економскиот развој на Украина не го наведува датумот на завршување на конфликтот и претпоставува дека економијата на Украина, со високо ниво на инвестиции, миграциски тек и раст на продуктивноста, би можела да порасне за 10 отсто во 2025 година.

ММФ очекува украинската економија годинава да порасне за 4,5 отсто, што е значително повисоко од претходната прогноза, која предвидуваше раст меѓу еден и три отсто.

Во исто време, организацијата со седиште во Вашингтон објави дека ја одобрила втората ревизија на програмата за заем за Украина, која овозможува исплата на околу 900 милиони долари.