Цената на златото продолжува да расте, аналитичарите очекуваат да скокне на повеќе од 2.000 долари

Цената на златото веќе извесно време расте, а во понеделникот унца од овој благороден метал во еден момент се продаваше за дури 2.135,40 американски долари, по што благо се намали, но сепак е околу 2.000 долари.

Според најновите предвидувања на финансиските експерти, во наредната година, кога се очекува дополнително паѓање на каматните стапки, цената на златото би скокнала на околу 2.090 долари, а на крајот на 2025 година би можело да вреди околу 2.400 долари за унца, пренесува Данас.

На почетокот на овој век, унца од овој благороден метал беше нешто поевтина од 500 долари, но во следните две децении златото значително доби на вредност, што е последица, пред сè, на зголемувањето на економската и политичката неизвесност во многу делови од светот.

Златото отсекогаш се сметало за сигурна инвестиција, особено во моменти кога американскиот долар се „нишал“ и кога неговата улога на светски пари или, како што често се нарекува на Запад, резервна валута, била доведена во прашање.

За време на последната глобална финансиска криза, во 2008 година, кога вредноста на доларот падна и американската централна банка ги намали каматните стапки на речиси нула, златото ја зголеми својата вредност за речиси 50 отсто во таа и следната година.

Во времето на неодамнешната пандемија, кога централните банки ширум светот печатеа и издаваа пари, со цел некако да ја задржат потрошувачката и да ги стимулираат слабите инвестиции, доларот исто така изгуби вредност, а златото ја зголеми својата вредност, бидејќи инвеститорите бегаа од финансиската неизвесност од светските пари, купиле големи количини од овој вреден метал и со тоа го заштитиле својот капитал од понатамошна девалвација.

Со зголемувањето на глобалната нестабилност, како резултат на војната во Украина, како и конфликтот меѓу Израел и Хамас, во изминатиот период дојде до пораст на светската инфлација предизвикана, меѓу другото, и од нарушувања на енергетскиот пазар, што сето тоа придонесе за понатамошно „бегство“ на инвестициските пари во злато.

Неодамнешните дефлациски трендови во многу западни земји, од кои некои се на работ на рецесија, како и зголемувањето на каматните стапки, кои не гарантираа стабилност на доларот и другите важни валути, го прават овој благороден метал уште поатрактивен, што резултира со дополнително зголемување на неговата цена.