
Во октомври членките на еврозоната во остатокот од светот извезле стоки во вредност од вкупно 246,9 милијарди евра, што е за 2,4 отсто помалку од октомври минатата година.
Трговскиот суфицит достигна 11,1 милијарди евра. Најголем пораст на извозот меѓу членките на ЕУ во октомври оствари Словенија, која претрпе и најмал пад на увозот.
Членките на еврозоната увезле вкупно 235,8 милијарди евра стоки, што е за 16,3 отсто помалку од октомври минатата година. Вредноста на размената на стоки во еврозоната е намалена за 8,8 отсто во однос на ланскиот октомври, на 221,1 милијарди евра, пишува европската статистичка служба Еуростат.
Во првите десет месеци од годинава вредноста на извозот од членките на еврозоната во остатокот од светот се намали на годишно ниво за 0,2 отсто, на 2.367,1 милијарди евра, а вредноста на увозот за 12,7 отсто, на 2.339,5 милијарди евра. Еврозоната на тој начин оствари суфицит од 27,6 милијарди евра. Вредноста на трговската размена во рамките на еврозоната во првите десет месеци е намалена за 4,3 отсто, на 2210,4 милијарди евра.
Вкупната вредност на извозот на членките на ЕУ во остатокот од светот во октомври изнесува 222,7 милијарди евра, што е за 1,4 отсто помалку од октомври минатата година. Вредноста на извозот е намалена за 19,6 отсто, на 213,3 милијарди евра. ЕУ со тоа постигна трговски суфицит од 9,4 милијарди евра. Вредноста на стоковната размена во рамките на ЕУ е намалена за 6,1 отсто, на 350,5 милијарди евра.
Во првите десет месеци од годинава, споредено со истиот период лани, вредноста на извозот на членките на ЕУ е зголемена за 0,5 отсто, на 2.124,8 милијарди евра, додека вредноста на увозот е намалена за 15,7 отсто, на 2.119,2 милијарди евра. Во оваа споредба Унијата оствари суфицит од 5,5 милијарди евра. Вредноста на стоковната размена во рамките на ЕУ во првите десет месеци од годинава е намалена за 2,5 отсто, на 3443,3 милијарди евра.
Во октомври, во споредба со ланскиот октомври, 17 земји од ЕУ забележале пад на извозот, а кај десет е забележан пораст. Најголем пад е забележан во Кипар (за 35 отсто), Естонија (за 20,9 отсто) и Литванија (за 17,6 отсто), а најголем во Словенија (за 9,6 отсто) и Романија (за 5,5 отсто).
Сите земји бележат пад на увозот, освен Словачка и Кипар, каде што е зголемен за 0,2, односно 6,4 отсто. Најголем пад е забележан во Литванија (за 22,8 отсто), Финска (за 21,9 отсто) и Летонија (за 21,4 отсто), а најмал во Словенија.











