
Цените на нафтата пораснаа за цели еден процент на меѓународните пазари, поради продолжувањето на тензиите откако јеменските Хути нападнаа бродови во Црвеното Море.
Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 71 цент во однос на претходното затворање, на 80,1 долар. Во Њујорк барелот се тргуваше за 81 цент повисоко, на 74,7 долари.
Утрово цената на нафтата WTI, референтната за американскиот пазар, падна на 73,56 долари, а нафтата од типот брент на 79,07 долари за барел.
Цените на фјучерсите на двата пазари се на пат за неделен раст од речиси пет проценти, поттикнати од растечките геополитички ризици поради нападите на Црвеното Море и можните нарушувања во поморските операции, пренесува Мина.
Неколку бродски превозници го избегнуваат Црвеното Море поради нападите врз бродови од милитантната група Хути, кои се нивниот одговор на војната во Газа.
Нападите предизвикаа прекини во глобалната трговија преку Суецкиот канал, низ кој минува околу 12 отсто од светската трговија. Соединетите Американски Држави (САД) во вторникот започнаа мултинационална операција за заштита на трговијата во Црвеното Море, но Хутите најавија дека ќе продолжат со нападите.
И покрај геополитичките тензии кои ги поддржуваат повисоките цени на нафтата, цените паднаа во четвртокот откако Ангола објави дека ќе ја напушти Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК).
Африканската нација, која произведува околу 1,1 милион барели нафта дневно, рече дека членството во организацијата не им служи на нејзините интереси, протестирајќи против одлуката на пошироката групација ОПЕК + да ја намали производната квота на членката следната година.











