
Годинава за прв пат повеќе од половина од електричната енергија што се користи во Германија ќе биде еколошки прифатлива, сметаат два водечки германски истражувачки институти за обновливи извори на енергија. Годинава обновливите извори на енергија ќе учествуваат со нешто помалку од 52 отсто од бруто потрошувачката на електрична енергија, што е за пет процентни поени повеќе од претходната година.
Според прогнозите на германските институти ZSW и BDEW, вкупната бруто потрошувачка на електрична енергија во 2023 година ќе изнесува околу 517,3 милијарди киловат часови, ги сумираше прогнозите германската новинска агенција dpa.
Обновливите извори на енергија претставуваа особено високо учество во јули со 59 отсто, во мај со 57 отсто и во октомври и ноември со 55 отсто од потрошувачката на енергија во Германија.
Во јуни производството на електрична енергија од сончева светлина достигна нов рекорд од 9,8 милијарди киловат часови. Енергијата на ветерот на копно, со вкупно 113,5 милијарди киловат часови, постави нов рекорд за целата година.
Со вкупно 267 милијарди киловат часови, произведена е повеќе еколошка енергија од кога било досега.











