Кој е најбогат во Македонија

Во Македонија најбогат човек годинава според традиционалната ранг листа на најбогати луѓе во регионот, што ја прави српскиот магазин Недељник е Живко Мукаетов, првиот човек на  фармацевтскиот гигант Алкалоид, чие богатство се проценува на 710,5 милиони евра, пренесе Klix.ba.
Минатата година Илија Гечев, сопственикот на компанијата „ИГМ трејд“ од Кавадарци, беше единствениот милијардер во Македонија.

Српскиот неделник Недељник ја објави традиционалната листа на 100 најбогати луѓе во регионот. Како што велат, листата претрпе големи промени и сега доминираат три компании од Хрватска.

Според Недељник, најбогати луѓе во регионот се сопствениците на хрватскиот Инфобип Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ, чија компанија вреди 3 милијарди и 307 милиони евра. По нив следуваат Дубравко Гргиќ (3.124.000.000) од Аграм Груп и Мате Римац (3.047.000.000).

Следат двајца српски бизнисмени, Мирослав Мишковиќ од Делта Холдинг (3.036.779.758) и Миодраг Костиќ од МК Груп (2.723.012.075). Оваа година, пишува Недељник, Мишковиќ стана првиот Србин чии компании, и само на територијата на Србија, вредат повеќе од три милијарди евра.

Најбогат Црногорец е Драган Бокан (Воли), чија имотна вредност се проценува на 504,6 милиони евра. Најбогатото семејство во Словенија е семејството Лах  чиј имот се проценува на 385 милиони евра.Најбогат човек во Босна и Херцеговина, според традиционалната Недељник листа, е Сенад Џамбиќ, сопственик на Бинго Груп. По него следуваат семејството Хастор (Превент Група) и семејството Станиќ (Група Станиќ).