
Цените на станбените недвижности во еврозоната паднаа за 2,1 отсто на годишно ниво во третиот квартал и за еден отсто на ниво на Европската унија, објави Евростат.
Во 10 земји од Европската унија е забележано намалување на цените на станбените недвижности на годишно ниво, додека цените се зголемени во 16 земји, а податоците за Грција се уште не се достапни, се наведува на веб-страницата на Евростат.
Најголем пад на цените на годишно ниво е забележан во Луксембург, за 13,6 отсто, Германија за 10,2 отсто и Финска за седум отсто, а најголем раст во Хрватска за 10,9 отсто, Полска за 9,3 отсто и Бугарија за 9,2 отсто.
На квартално ниво, цените на станбените недвижности паднаа во седум земји на Европската унија во однос на вториот квартал, се зголемија во 18 земји-членки на ЕУ и стагнираа во една земја, Италија, а податоците за Грција не се достапни ниту во овој случај. .
Најголем квартален пад на цените на станбените недвижности од 6,3 отсто е забележан во Луксембург, потоа Финска 2,7 отсто и Германија 1,4 отсто, а најголем раст во Полска 4,5 отсто, Романија 3,4 отсто, Данска 3,1 отсто.











