
Инфлацијата во САД се зголеми на 3,4 отсто во декември, објави Бирото за статистика на трудот во четвртокот, што ги надмина очекувањата на економистите кои прогнозираа 3,2 отсто. Инфлацијата во ноември минатата година изнесуваше 3,1 отсто.
Индексот на цените се зголеми на месечно ниво за 0,3 отсто во декември од 0,1 отсто во ноември. Трошоците за домување беа клучен двигател на растот на индексот, со повеќе од половина од вкупниот пораст на цените, пишува Гардијан.
Исто така, имаше знаци дека инфлацијата продолжи да омекнува во декември. Основниот индекс на потрошувачки цени, кој ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, го забави растот, а неговата годишна стапка беше 3,9 отсто во декември од 4 отсто во ноември.
Инфлацијата на енергијата се зголеми за 0,4 отсто минатиот месец, бидејќи повисоките цени на електричната енергија го неутрализираа падот на трошоците за природен гас. Цените на храната се зголемија за 0,2 отсто, бидејќи цените на рестораните пораснаа побрзо од цените во продавниците.
Инфлацијата во САД се намалува откако во 2022 година го достигна највисокото ниво во последните четири децении. За падот на инфлацијата значително придонесе агресивната кампања на американската централна банка (ФЕД), која ги зголеми каматните стапки 11 пати со цел да го спречи растот на цените.
Лидерите на ФЕД размислуваат да ги намалат каматните стапки во обид да создадат таканаречено меко приземјување, односно да ја стават инфлацијата под контрола додека избегнуваат рецесија.











