
Европската комисија се подготвува да испрати инспектори во група кинески производители на електрични автомобили во наредните недели како дел од истрагата за можни државни субвенции, изјавија три упатени извори.
Инспекторите ќе ги посетат BYD, Geely и SAIC, изјавија два извори. Инспекцијата нема да ги опфати не-кинеските марки кои се произведуваат во Кина, како што се Tesla, Renault и BMW, истакна еден од нив.
Комисијата отвори истрага во октомври за да утврди дали кинеските производители на поевтини електрични возила добиваат предност во однос на европската конкуренција благодарение на владините субвенции. Кина истрагата ја нарече протекционистичка.
Европската комисија, кинеското Министерство за трговија, BYD и SAIC не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за информациите за инспекциите. Geely одби да коментира, но ја повтори својата изјава од октомври дека ги почитува сите прописи и поддржува еднаква конкуренција на глобално ниво.
Еден извор рече дека истражителите пристигнале во Кина, додека друг рече дека посетите се закажани за јануари и февруари.
Инспекторите на лице место ќе ја проверуваат веродостојноста на одговорите на производителите на прашалниците што им ги испрати Комисијата, изјави еден од изворите. Во документите на ЕК се наведува дека истрагата е во „почетна фаза“ и дека се планирани „верификациски посети“ до 11 април, пренесува Дневник хр.
Изворите побараа да не бидат именувани бидејќи деталите за посетата се доверливи.
Уделот на кинеските возила на пазарот на електрични возила во Европската унија достигна осум проценти и може речиси да се удвои до 2025 година, бидејќи тие обично се до 20 проценти поевтини од моделите произведени во ЕУ.
Во октомври, кинеската Great Wall Motor објави дека е првата од групата производители што испратила одговори на прашалникот поврзан со европската истрага за субвенционирање.
Кинеските производители на електрични возила, од лидерот на пазарот BYD до неговите помали ривали Xpeng и Ni, се шират со забрзано темпо на прекуокеанските пазари, со оглед на сè пожестоката конкуренција дома. Многумина ја поставија продажбата во Европа како приоритет.
Минатата година Кина ја престигна Јапонија и се најде на врвот на светската листа на извозници, со испорачани 5,26 милиони возила во вредност од околу 102 милијарди долари, објави оваа недела Кинеската автомобилска асоцијација.











