Увозот на кинески автомобили во Русија се зголеми седум пати во 2023 година

Минатата година Кина го зголеми извозот на автомобили и други моторни возила во Русија за повеќе од седум пати на 11,5 милијарди долари, покажуваат податоците на кинеската Генерална царинска управа. Во текот на 2022 година извозот изнесува 1,6 милијарди долари.

Според податоците на кинеската Царинска управа, лани директните испораки на електрични возила од Кина во Русија изнесувале 262,6 милиони долари, а во Русија биле испорачани 8.500 електрични возила. Во 2022 година од Кина во Русија се извезени 3.110 електрични возила во вредност од 53,4 милиони долари, пренесува Комерсант.

Кинеската асоцијација на производители на патнички возила објави дека Кина минатата година стана најголемиот светски извозник на автомобили, надминувајќи ја Јапонија.

Извозот на патнички автомобили произведени во Кина изнесува рекордни 3,83 милиони единици, што е за 62 отсто повеќе од една година порано. Вкупниот извоз на автомобили од Кина минатата година изнесуваше 5,26 милиони возила, во вредност од околу 102 милијарди долари.