
Донесени се нови правила за оние кои издаваат станови во Европската унија, а тие особено се однесуваат на сајтови како Booking и Airbnb.
Станува збор за правилата за изнајмувачите за кои беше постигнат политички договор меѓу Европскиот парламент и Советот на крајот на минатата година. Планот беше усвоен на состанокот на Комитетот за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите на Европскиот парламент (IMCO).
Потпретседател на Одборот на IMCO, Томислав Сокол, кој работеше на ова досие, истакна дека новите правила го регулираат краткорочното изнајмување на сместувачките капацитети, кое во последно време станува сè поважен дел од туристичкиот сектор. Сокол потсети и дека услугите за краткорочно сместување сочинуваат речиси четвртина од вкупната понуда на туристичко сместување во ЕУ.
Имено, се покажа дека јавните тела имаат потешкотии со ефективно собирање веродостојни податоци за изнајмување од овој тип, што на крајот може да доведе до избегнување на плаќање на обврските кон државата и зголемување на понудата на непријавено сместување, пренесуваат хрватските медиуми. Токму затоа, според новите правила, интернет платформите преку кои се прават резервации за туристичко сместување, како Booking или Airbnb, ќе треба секој месец да доставуваат податоци за активностите до јавните власти, т.е. промет за сместувачките единици. Ова ќе го подобри контролниот механизам на приватните изнајмувачи.
Исто така, новата регулатива ги унифицира правилата за регистрација на сместување на европско ниво и ги пропишува податоците што закупувачите мора да ги достават до надлежните органи при пријавувањето на сместувањето, пренесува Блиц.
Во случај да се утврди дека податоците доставени од закупецот се неточни, надлежните органи ќе можат да издадат наредба за отстранување на сите понуди за сместување на закупецот од интернет платформата, објасни Сокол.
Новите правила ќе почнат да важат од 2026 година, а казните за непочитување на новиот закон ќе ги одредуваат земјите членки, а се предвидува овие казни да бидат пропорционални.











