Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов во однос на најавите за Предлог законот за работно ангажирање лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности, смета дека е недозволиво во земја кандидат за членство во Европската Унија да се формализира неформалната економија.
Според Трендафилов, поразително е да се предлага закон со кој ќе се елиминира Законот за работни односи.
Со ваквото законско решение, како што посочи, работниците стануваат модерни робови на кои ќе им се плаќаат придонеси од околу 290 денари дневно, а работодавачот ќе ги ангажира и отпушта кога сака.
– Недозволиво е во Македонија во 21 век, во земја кандидат за членка на ЕУ, да враќаме и да формализираме неформална економија.
За ССМ е недозволиво дополнително да се усложнуваат работите во услови кога работодавачите одбиваат да издадат дури и решение за секое користење на годишен одмор на работниците.
– Сакаат да дадат едно решение годишно, а сега ќе ги вработуваат на дневна основа.
Патем тие работници нема да имаат договор за вработување, немаат да знаат што со нивната егзистенција, нема да можат да подигнат кредит, нема да имаат никаква гаранција за нивното семејство.
Ако законот се применува на таков начин, предлагачите нека пробаат први, па нека кажат како е, изјави Трендафилов.