ОПЕК очекува побарувачката за нафта да порасне за 1,8 милиони барели дневно во 2025 година

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) потврди во својот најнов месечен извештај во февруари, објавен вчера, дека очекува раст на побарувачката на нафта за 2,2 милиони барели дневно во 2024 година и дополнителни 1,8 милиони барели во 2025 година.
Оваа прогноза не се разликува од очекувањата од претходниот јануарски извештај.

Во 2025 година глобалната економија ќе го забрза растот на 2,9 отсто од овогодинешните 2,7 отсто, што заедно со солидната економска активност во Кина ќе доведе до зголемување на светската побарувачка за нафта, се наведува на веб-страницата на ОПЕК. Организацијата ја зголеми прогнозата за светскиот економски раст во однос на јануари, пред се поради добрите економски резултати на Соединетите Американски Држави, што треба да се одрази со поголема побарувачка на нафта.

Според очекувањата на ОПЕК, американската економија ќе порасне за 1,6 отсто во 2024 година и за 1,7 отсто во 2025 година, додека еврозоната ќе расте со побавно темпо, за 0,5 отсто оваа година и за 1,2 отсто во следната година.

Главниот двигател на растот на светската побарувачка на нафта се предвидува да биде побарувачката во земјите кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), главно во Кина, Блискиот Исток и Индија, се додава во извештајот.