Инфлацијата во САД 3,1 отсто

Во Соединетите Американски Држави инфлацијата во јануари е повисока од очекуваната, покажуваат најновите официјални податоци.

Растот на цените во изминатиот месец, мора да се признае, продолжи со надолната траекторија од врвовите во 2022 и 2023 година, кои не беа забележани во последните четири децении. Јануарската инфлација во САД изнесуваше 3,1 отсто.

Забавувањето на инфлацијата беше нешто помалку изразено отколку што предвидуваа аналитичарите, пренесува француската новинска агенција АФП.

Како што јави АФП, аналитичарите очекуваа дека годишната инфлација во јануари нема да надмине три проценти.

На месечна основа, цените во јануари пораснаа за 0,3 отсто, откако месечната инфлација во претходните два месеци изнесуваше 0,2 отсто.

Основната годишна инфлација, односно онаа што ги исклучува пофлуктуирачките цени на енергијата и храната, во јануари достигна 3,9 отсто и со тоа остана непроменета во однос на декемвриската вредност. Во овој случај, аналитичарите очекуваа намалување на ценовните притисоци.

Цените на енергијата во јануари се намалени за 4,6 отсто на годишно ниво, а на храната, пак, за 2,6 отсто.