
Медиумската компанија „Парамаунт Глобал“ во вторникот објави дека ќе отпушти околу 800 луѓе или околу три отсто од целата своја работна сила, со цел да го зголеми својот профит и да биде во чекор со конкуренцијата. Парамаунт Глобал имаше околу 24.500 вработени на крајот на 2022 година.
Извршниот директор на Парамаунт Глобал, Боб Бекиш, ја објави оваа информација во интерен меморандум до вработените, пренесува Си-Ен-Би -Си.
„Овие прилагодувања ќе нѝ овозможат да го надградиме нашиот моментум и да ја исполниме нашата стратешка визија за годината што следи“, напиша Бекиш.
Акциите на Парамаунт Глобал паднаа за 4 отсто на берзата во вторник наутро.
Paramount Global, сопственик на каналите Nickelodeon, Paramount Plus и Comedy Central, се обидува да го зголеми профитот и да реагира на загубата на претплатници на стриминг услугите како Netflix, пренесува Bloomberg.
Медиумската компанија ги информирала своите вработени за претстојните измени со интерно известување испратено на 25 јануари годинава.











