Во декември еврозоната забележа трговски суфицит од 16,8 милијарди евра

Според првата прелиминарна проценка, еврозоната забележа трговски суфицит од 16,8 милијарди евра во декември 2023 година, објави денеска Евростат на својата веб-страница. Во декември еврозоната извезла стоки во остатокот од светот за 218,7 милијарди евра, 8,8 отсто помалку од истиот месец од 2022 година.

Извозот на гориво е намален за 25,4 отсто на годишно ниво, на суровини за 11,4 отсто, на индустриски производи за девет отсто, на машини и транспортна опрема за 7,6 отсто. Декемврискиот увоз на стоки во еврозоната е намален за 18,7 отсто на годишно ниво на 201,9 милијарди евра. Увозот на гориво е намален за 38,3 отсто на годишно ниво, на суровини за 19,6 отсто, на индустриски производи за 12,4 отсто, на машини и транспортна опрема за 9,8 отсто.

Трговскиот суфицит на Европската унија во декември изнесува 15,7 милијарди евра. Речиси сите земји од Европската унија забележаа намалување на увозот и извозот во однос на декември 2022 година. Португалија е единствената земја од ЕУ која забележа годишен раст на извозот, за 0,3 отсто, а најголемо намалување на извозот од 55,5 отсто на годишно ниво е забележано на Кипар.

Данска единствена забележа годишен пораст на увозот, за 0,7 отсто, додека најголемо намалување на увозот од 30,1 отсто на годишно ниво е забележано во Литванија, пренесува Танјуг.