
Под притисок на конкуренцијата од Кина, производителите на автомобили Stellantis и Renault ќе настојуваат силно да ги намалат трошоците за производство на електрични возила со цел да постигнат слични цени и профитни маржи како моделите на фосилни горива, изјавија лидерите на индустријата за Ројтерс.
Растот на продажбата на електрични возила е забавен поради комбинацијата на недостаток на инфраструктура за полнење и високите цени, поради што европските производители се обидуваат да развијат подостапни електрични возила, првично поскапи од нивните еквиваленти со мотори со внатрешно согорување.
„Гледајќи на краток рок, веднаш би можел да ја зголемам продажбата на моите електрични возила, едноставно со тоа што ќе ги оставам маржите да се намалат“, изјави извршниот директор на Stellantis, Карлос Таварес.
Доаѓањето на поевтините кинески електрични возила ги принуди европските производители на автомобили да развијат подостапни модели. „Се разбира, сите се обидуваат да ги намалат трошоците за електричните возила за да постигнат паритет во цената со моделите на мотори со внатрешно согорување“, изјави извршниот директор на Рено, Лука де Мео, на аналитичарите на прашањето за цените и профитабилноста.
Де Мео рече дека намалувањето на цените ќе биде полесно да се постигне за помалите автомобили, бидејќи производителите можат да ја намалат големината на батерискиот пакет, што обично сочинува околу 40 отсто од цената на електричното возило. Следствено, тоа значи дека цените ќе останат повисоки за возилата со поголеми батерии. Сепак, европските производители се соочуваат со деликатен баланс за да ги намалат цените на нивните електрични возила, притоа прво да ги намалат трошоците за да го остварат потребниот профит.
Во октомври минатата година, брендот на Stellantis, Citroen, го претстави новиот електричен SUV e-C3, евтин модел со почетна цена од 23.300 евра како адут против кинеската конкуренција на пазарот на достапни електрични возила. „Нашата мисија е да ги намалиме трошоците што е можно побрзо за да ги апсорбираме дополнителните трошоци за електрификација и да продаваме возила по иста цена како и автомобилите со мотори со внатрешно согорување бидејќи Кинезите знаат како да го направат тоа“, рече Таварес.
Фото:Citroen











