Гугл тужен од 32 медиумски групи

Гугл во средата се соочи со тужба од 32 медиумски групи кои бараат отштета од 2,1 милијарди евра поради практиките за дигитално рекламирање на американскиот технолошки гигант. Вредноста на акциите на Гугл падна за повеќе од два отсто.

Меѓу тужителите се Аксел Спрингер и Шибстед, како и издавачи во Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Данска, Финска, Унгарија, Луксембург, Холандија, Норвешка, Полска, Шпанија и Шведска, пренесува Seebiz. Тужбата доаѓа додека антимонополските регулатори ја испитуваат технологијата за рекламирање на Google.

Адвокатите на медиумските компании во соопштение за печатот рекоа дека претрпеле загуби поради помалку конкурентни пазари како резултат на недоличното однесување на Google. Тврдат дека американската компанија ја злоупотребила доминантната позиција, поради што медиумите останале без приходи.

Во тужбата се наведува дека францускиот регулатор за конкуренција го казни Гугл со 220 милиони евра во 2021 година за бизнисот со рекламна технологија, а Европската комисија го обвини Гугл за истото минатата година.

Гугл соопшти дека се противи на тужбата, за која вели дека е „шпекулативна и опортунистичка“ и дека компанијата работи со издавачи низ цела Европа, приспособувајќи и развивајќи партнерства со истите тие огласувачи.