
Германската фармацевтска и хемиска групација Баер ја затвори 2023 година со загуба од 2,9 милијарди евра, додека претходната година забележа нето добивка од 4,15 милијарди евра.
Приходите се намалени за шест отсто на годишна основа, на 47,6 милијарди евра, јавуваат странските новински агенции.
На минатогодишните бројки особено влијаеа лошите резултати на агрохемискиот комбинат.
Продажбата на лекови на рецепт во фармацевтската единица остана непроменета, додека единицата „Здравје на потрошувачите“ забележа раст, делумно поради зголемената побарувачка за дерматолошки производи.
Првиот човек на компанијата, Бил Андерсон, кој минатата година ја презеде челната позиција со цел да ја однесе во нова насока, засега ја отфрли можноста за поделба на компанијата. Според неговата проценка, Баер треба да ја зајакне фармацевтската единица, а напредокот на компанијата, која се соочува со неколку судски спорови, е отежнат од големите задолжувања и бирократијата.
Баер, кој минатата година најави отпуштања за да излезе од минус, планира да заштеди две милијарди евра годишно од 2026 година, според најновото соопштение.
За оваа година компанијата очекува приходи меѓу 47 и 49 милијарди евра, но не е премногу оптимист за профитот.











