
Светскиот репер за цените на храната падна седми последователен месец во февруари, објави во петокот Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени во меѓународните цени за низа прехранбени производи со кои се тргува на глобално ниво, во февруари во просек изнесуваше 117,3 поени, што е пад од 0,7 отсто во однос на јануари и 10,5 отсто во однос на истиот месец минатата година.
Индексот на цените на житарките на ФАО се намали за 5,0 отсто во февруари и достигна ниво од 22,4 отсто под она од февруари 2023 година. Цените на извозот на пченката паднаа главно поради очекувањата за големи жетви во Јужна Америка и конкурентните цени што ги нуди Украина, додека меѓународните цени на пченицата главно паднаа поради силното темпо на извоз од Руската Федерација. Во февруари паднаа и меѓународните цени на оризот, за 1,6 отсто.
Индексот на цените на растително масло на ФАО се намали за 1,3 отсто од јануари на 11 отсто под вредноста во февруари 2023 година. Меѓународните цени на маслото од соја значително паднаа, поддржани од изгледите за изобилство производство на соја во Јужна Америка. Светските цени на палминото масло благо пораснаа во февруари поради сезонско пониското производство.
Спротивно на тоа, индексот на цените на шеќерот на ФАО се зголеми за 3,2 отсто во февруари. Зголемувањето ја одразува тековната загриженост за претстојното производство на Бразил по подолг период на потпросечни врнежи од дожд, како и прогнозите за намалување на производството во Тајланд и Индија, двете водечки земји извозници.
Индексот на цените на месото на ФАО порасна за 1,8 отсто во споредба со јануари, а најмногу поскапе месото од живина, а потоа говедското, под влијание на обилните дождови кои го нарушија транспортот на добитокот во Австралија. Цените на свинското месо исто така благо пораснаа поради поголемата побарувачка од Кина и тесната ситуација со понудата во Западна Европа. Меѓународните цени на овчо месо паднаа делумно поради рекордното производство по обновата на стадата во Австралија.
Индексот на цените на млечните производи на ФАО се зголеми за 1,1 отсто, предводен од зголемената побарувачка за увоз на путер од азиските купувачи. Незначително поскапеа и млекото во прав и сирењето.











