
Акциите на компанијата Apple паднаа за 4,1 отсто на затворањето на берзата во Соединетите Американски Држави, со што компанијата загуби околу 113 милијарди долари од својата пазарна вредност.
Според Блумберг, компанијата од Купертино се соочува со проблеми на двете страни на Атлантикот бидејќи Министерството за правда на САД во четвртокот поднесе тужба против Apple за наводен монопол на пазарот на паметни телефони, додека компанијата исто така се соочува со истрага од Европската унија за можни прекршувања на Законот за дигитални пазари.
Долгоочекуваната американска тужба доаѓа по долгогодишни тврдења на критичарите дека Apple и штети на конкуренцијата поради рестриктивните услови на продавницата за апликации, високите такси и строго контролираниот пристап до неговиот хардвер и софтвер.
„Apple ги поткопува апликациите, производите и услугите кои инаку би ги направиле корисниците помалку зависни од нивните iPhone-и“, се вели во соопштението на американското Министерство за правда.
Според тужителите, Apple го користи својот монопол „за да извлече повеќе пари од потрошувачите, програмерите, креаторите на содржини, уметниците, издавачите, малите бизниси и трговците на мало“.
На пример, Apple им овозможува на корисниците на iPhone лесно да испраќаат висококвалитетни фотографии и видеа еден на друг, но мултимедијалните содржини кои пристигнуваат преку телефони со оперативен систем Андроид се побавни и со послаб квалитет, пренесува Танјуг.
Ројтерс во четвртокот објави дека антимонополските регулатори на Европската унија имаат намера да ги истражат технолошките компании Apple, Meta и Google.
На 4 март, Европската унија веќе го казни американскиот Apple со 1,8 милијарди евра поради кршење на законите за конкуренција и злоупотреба на доминантната позиција на пазарот за продажба на апликации за стриминг музика, објави Си-Ен-Ен.











