Извршната директорка на ММФ, Георгиева единствен кандидат за реизбор на позицијата

Актуелната извршна директорка на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева е единствениот кандидат за функцијата, соопшти управниот одбор.

Бугарската економистка, пишува Хина, таа функција во ММФ ја извршува од 2019 година и веќе изјави дека е подготвена за уште еден мандат, доколку биде номинирана.

Актуелниот мандат на 70-годишната Георгиева истекува на крајот на годинава.

Водечката позиција во ММФ традиционално им припаѓа на Европејците, а онаа во Светска банка на Американците.

Георгиева е втората жена на чело на ММФ, по Кристин Лагард, која во меѓувреме ја презеде функцијата претседател на Европската централна банка.

ММФ и Светската банка се основани на крајот на Втората светска војна, потсетува агенцијата ДПА.