Отворен тунелот под Босфорот што ги спојува Европа и Азија

51

2

По девет години изградба, вчера во Истанбул свечено беше отворен тунелот Marmaray под Босфорот, кој ги спојува европскиот и азискиот континент. Првиот трансконтинентален тунел е долг 13,6 километри, а кога ќе биде во полн погон, низ него ќе минуваат милион патници на ден. Тунелот е дел од пошироката железничка мрежа од едниот крај на Истанбул до другиот, но самото минување под Босфорот ќе трае четири минути.

Тунелот Marmaray е дизајниран да издржи земјотреси со голема јачина. Цевката на тунелот се наоѓа на 60 метри под морската површина и турската влада тврди дека се работи за најдлабокиот тунел во светот. Вкупната инвестиција чини четири милијарди долари, од кои една милијарда инвестираше Јапонија.

Тунелот беше отворен на 90 годишнината од основањето на Турската Република. Премиерот Реџеп Таип Ердоган со години се залагаше за овој проект, чија првична идеја беше на отоманскиот султан во 1860 година. Работите почнаа во 2004 година, но археолошките ископувања ја одложија изградбата. При изградбата, во археолошките ископувања се пронајдени околу 35.000 артефакти и околу 30 остатоци од потонати византиски бродови.

4